Array

Мисија и цел

Знаењето е едно од ретките нешта што можат да се даваат и да се примаат безгранично. Мисијата на сите наставници е несебично да го делат знаењето на сите ученици што сакаат да го усвојат и да го примат. Наша цел е да ги мотивираме учениците како да учат, со креативни методи и техники коишто постојано ги усовршуваме, со најновите средства на информатичката технологија, што постојано ги обновуваме. Знаењето го создаваме, го пренесуваме и го имплементираме кај сите наши ученици.

Home
Креативно катче


Само храбриот човек знае да прости PDF Печати Е-пошта
четврток, 04 мај 2017 13:53

Прошката не е лесно ниту да се побара, ниту да се даде. Доколку на некој човек му е згрешено, и тој не прости, тогаш тој човек има скаменето срце и големо его. Кукавичлукот на таквиот човек е ненадминлив. Ќе зборува како му било згрешено и колку многу бил повреден. Простувањето е плод од широкоградоста, добрината, доблеста и најважно - храброста. Но, сепак не е толку лесно сè да се заборави и да се продолжи понатаму, токму затоа луѓето коишто искрено простуваат се ретки.

За простувањето се зборува многу одамна и тоа е насекаде во Светот ценето. Во човековите филозофии, односно религии се цени и одобрува простувањето. Во Христијанството, Библијата вели дека доколку некому не простиме искрено и безусловно, тогаш демонстрираме горчина и бес, кои не се одлики на еден Христијанин. Простувањето како важна одлика на човештината се споменува и во молитвата „Оче наш“ и тоа во стиховите: „лебот наш насушен дај ни го денес и прости ни ги долговите наши како што ние им ги простуваме на нашите должници. Амин.“ Освен во Христијанството простувањето се спомнува и во другите религии како на пример во Исламот. Во сурата шеснаесет „Ен Нахл“ („Пчели“) се вели: „Оној кој направил зло во незнаење и подоцна се покајал, твојот Господар подоцна сигурно ќе му прости и ќе биде семилосен.“ Во секое човеково сфаќање и размислување како почестит и похрабар се смета оној кој простил. Независно колку добрини направил човекот низ Светот, доколку никогаш не простил тој ќе биде сметан за кукавица. Простувањето секогаш мора да биде искрено и од сè срце. Човекот мора да прости заради самиот себе, бидејќи ќе има чиста совест. Кога некој простува, тогаш тој е доблесен, ги прифаќа работите какви што се и никогаш не се обидува да ги смени луѓето.

И покрај нашето скршено срце, ние мораме да му простиме на оној кој некогаш во животот ни згрешил. Напразно ќе се обидуваме да ги смениме луѓето да не грешат, подобро да простиме илјада пати отколку да се обидуваме да смениме некого. Храброст е да ги преминеш бариерите додека да стигнеш до простувањето и многу е тешко да ја донесеш таа одлука. Простувањето е храброст да станеш и да заборавиш на секоја болка што си ја добил додека си паѓал.

Ружди Ќесаси II5

 
Наградени литературни творби на конкурсот по повод 8 Март на тема „Нежноста и убавината на жената“ PDF Печати Е-пошта
четврток, 13 април 2017 12:56

I место

Нежноста и убавината на жената

Првата личност која воопшто ја запознав беше жена. Првиот поглед, првата топлина и првиот нежен и треперлив здив го почувствував од неа. Живот за мене, чедо и бескрајна среќа и радост за неа. Се добивме еден со друг, се држевме како едно. Но се одвоивме, а сепак останавме заедно. И што би правел јас без неа, но и таа без мене. Зар јас би патувал по патеката на животот, ако ми е непознат стартот?

Под поимот жена, најпрво помислувам на мајка, бидејќи само таа може да ја носи круната и да биде кралицата за мене. Голема карпа која ме штити од силни бури, вода која ми ги лекува изгорените рани од маскираните „ангели“. Таа е како нежна, бела ружа, која знае да прерасне во остар и боцкав кактус и да се бори до смрт, само заради мене. Луѓето често очекуваат возврат за нешто што помогнале, а мајката животот би го дала, ниту за возврат ништо не бара. Се восхитувам на храброста, издржливоста, на нејзината доживотна жртва. Нејзините изморени и остарени раце, ми се извор за сила. Повишениот тон и остриот поглед, се правецот на движење во сообраќајниот метеж во кој сум се заплеткал. А знаете што е најтешко? Мајчината солза. Никогаш, ама никогаш не сакам да видам солза на нејзиното лице, бидејќи ружата не заслужува да се суши. Заедно го чувствуваме и трпиме студот. Но, знам дека таа навистина ме топли, додека јас само се трудам да ја стоплам. А топлината во моето срце која ја споделувам со саканите е дело на мојата мајка.

Мајка ми е најубавата и најнежната жена, мојот најдобар учител и единствениот херој во мојот живот. Никој, ама никој не дава толку чиста љубов и грижа како неа. Не верувам дека некоја друга жена ќе го освои кралството на мојата мајка. Таа засекогаш ќе остане единствената кралица на мојот живот и никоја принцеза не ќе може да ја достигне оваа висока титула.    

Ѓорѓи Стојанов II -2

II место

Убавината и нежноста на жената

Жена - толку моќен збор, именка во која ги гледам ликовите на мојата мајка, баба, тетка. Збор од кој човештвото опстанува и постои. Не знам зошто, но пишувајќи за тоа скапоцено нешто, во мене навираат чувства на емпатија. Неконтролирани солзи и плач од радост и возбуда. Пишувам и се борам со наплив од емоции, затоа што не е лесно во неколку редови да се опише нежноста и убавината на жената.

Вечно прашање е што всушност претставува убавината. Гледајќи го ликот на жената сфаќам дека е совршено уметничко дело на природата и убост за очи. Но, длабочината и суштинското значење на убавината е нешто друго. Длабоко во неа, во нејзината душа, говорот на нејзиното тело и вечната потрага за љубов. Тоа е вистинската убавина на жената. Го чувствувам и замислувам тој допир на нејзината кожа. Се втурнувам во тие прегратки и знам дека сум жива, присутна и целосна. Тие допири се паметат и го одбележуваат моето детство, младост и сегашност. Трепеливото срце на мајка ми, топлите дебели раце на баба ми и веселите палави насмевки на моите тетки, ја претставуваат нежноста на жената. Потонувам во убавина гледајќи ги нив, чувството не може да се опише. За момент се замислувам и ја барам жената во мене. Го чувствувам тој инстинкт да бидам сакана и почитувана. Ја гледам мајка ми во мене. Борбена и кревка, понекогаш сурова и нежна, но истворемено пожртвувана и немоќна. Се радувам бидејќи и јас ја имам честа да бидам жена и да бидам дел од најскапоценото нешто во животот.

Убавата и нежна жена е прекрасна творба на природата. Предодредена за репродукција и зачувување на човештвото. Симбол на храброст и љубов, синоним за столб на семејството. Секоја жена треба да биде свесна за сопствената грациозност и значење во секојдневниот живот бидејќи таа е скапоцен дар на природата и претставува чувство на посебност и припадност. Нејзината вредност е непроценлива, па доколку не би постоеле жените дијамантот би бил обичен камен.                                                                                         

Милена Трикиќ II-1

III место

Нежноста и убавината на жената

Зборот жена самиот по себе ја носи вечната уникатност, горделивост и строгост. Збор, толку моќен што може за миг да те крене во облаци, но и силно да те тресне од земја. Збор во кој Бог ја додал неговата желба да постои кревка, грижлива и покорна личност, а истовремено да е толку моќна за да владее со светот. Тој создал величенствен збор и ѝ го подарил на личноста која е синоним за природно и беспрекорно совршенство.

Жена. Спој од емоционалност, женственост и горка ладнокрвност. Мешавина од преголема мера борбеност, голгота, жртвуваност и желба за самостојно владеење со сопствениот разум. Синоним за ненасловена книга со многу жестоки емоции, тајни мисли, длабоко закопани и никогаш не изговорени зборови. Жена е зборот во кој се огледувам јас. Збор во кој го гледам ноќното бдеење на мајка ми над мојот осамен дух. Нејзината грижлива покорност, кротка насмевка и нејзината желба да го задржи семејството на нозе. И нема да лажам, покорно ја наведнувам главата пред секој овде напишан збор, бидејќи го слушам нивното ехо низ целото мое тело. Го слушам мајчиниот плач и болно ги прекорувам сите мои неискажани чувства кон неа. Упатувам критика и кон моите неиздржани и бурни реакции со кои свесна сум дека правам огромни кратери во нејзината душа. Мајка. Единствениот незапишан закон кој го одржува мирот и спокојството. Единствен извор на убавина, нежност и топла прегратка полна со исконска љубов. Душа накитена со безброј приказни, желби, емоции и отфрлено его.

Горделивоста, но и пожртвуваноста ја отсликуваат успешната жена. Нејзината строга одбивност го храни нејзиното его, но ако со чисти раце го допреш нејзиното срце, ќе почувствуваш благосостојба и мир. Најпрво ќе се осети нејзиниот бес и вознемиреност, но трудољубивоста ги искоренува нејзините челични решетки. Можеби малку подоцна, но скапоценоста е во трпеливите души. Бидејќи вистинската жена никогаш прерано не ги открива нејзините слаби страни.

Кристина Костадинова II-4

Последно освежено на четврток, 13 април 2017 13:00
 
Дискриминацијата - црна точка на бел лист PDF Печати Е-пошта
понеделник, 13 февруари 2017 19:52

I награда на тема распишана во рамките на проектот „Еднаквоста е наша инспирација“ на невладините организации СЕГА

Дискриминацијата - црна точка на бел лист

          Сите се раѓаме еднакви на овој свет. Секој со својата среќа и секој со својот нагон за повраќање. Суштества, скроени со лик и карактеристики на човек. Овде на оваа пространа ледина со измислени ликови и однапред напишани реплики... Овде, никој никогаш нема да биде прегрнат без да биде задушен. Еднолично сиви ми се деновите додека грчевито го напрегам умот да измислам пократок збор од дискриминација, лажејќи се дека не постои. Далеку сме од реалноста кога слушаме по медиумите дека во денешно време многу малку е застапена дискриминацијата. Но, сведоци сме дека постои. И ќе постои!

            Да започнам со она што се случува на улицата. Мали деца коишто под притисок на другите веќе прават поделба помеѓу врсниците коишто не се од иста вероисповед. Дете како дете, можеби не ја сфаќа постапката што ја прави, но овде не се виновни малите, туку нивните родители коишто им го всадиле тоа. „Немојте да играте со нив! Тие не се како вас. Зарем не гледате како се облечени и никогаш не се средени!“ И многу други изговори што родителите ги употребуват. И тука настанува таа поделба. Расната дискриминација се јавува и во училиштата, во големите државни институции и сл. Претставува и пречка во вработувањето. Сега ќе ја свртам страницата и брзо со пенкалото ќе оставам црни траги на белиот лист. Барате работа? Можеби сте високо образовани со стекнато искуство и награди, но денес ќе се спрепнете од оние што се на некого. Искачени на скала, само што не стигнале до врвот. Но како и да е , оној функционер што им ја држи скалата, наречен татко или вујко ја започнал втората доба од животот, па нивната скала полека почнала да се клати. Овие луѓе немаат слушнато за скромност, прават секаква дискриминација, а сè уште можат да се заборчат кај Јоле затоа што Џевад и Ружди им веруваат. Не сме исти, ниту пак слични. Едните ќе се влечкаат, а другите ќе се вообразуваат. Во друга ситуација пак се ежам кога слушам за дискриминација на жената. Видот на оваа дискриминација зависи од традицијата на самото општество како и од културата и развиеноста. Денес, жените имаат право на глас, но исклученоста од политиката сè уште се забележува. Како најекстремна појава на дискриминацијата е насилството врз жената што е почесто застапено во послабо развиените земји, како што е случај и во Македонија. Веруваме или насетуваме дека овде, тука некаде нè чека подобар свет, без црна дамка во мозаикот на животот. Дискриминацијата нè води на трка со пречки во која ако не си маратонец сигурно би паднал.

            Врескаме и вперуваме прст како недоиспилени јајца, хистерични, а празни. Светот нема да го промениме со накострешени волчји заби, со полни усти празни зборови и со набилдани ега. Светот ќе се промени тогаш кога ќе се променеме самите себе. Ни фали малку од млекото на духовноста за да му погледнеме на животот во очи.

 Дијана Николовска

IV-2 клас

 

II награда на тема распишана во рамките на проектот „Еднаквоста е наша инспирација“ на невладините организации СЕГА

Дискриминацијата - црна точка на бел лист

            Создадени сме како посебен вид на живи суштества на планетата. Ја имаме честа да бидеме посебни жители на светот. Да, тоа сме ние луѓето, а умот е оној кој нѐ издвојува од останатиот жив свет. Нашата свест е водилка низ животот и ментор кој постојано треба да ни ги усмерува постапките и трагите кои ги оставаме во текот на нашето постоење. Но, во суштина светот е во погрешен правец. Цивилизацијата нѐ врати назад кон пропаст, а прашањето е како да запреме за да го спасиме човекот во нас.

           Размислувајќи како да го осмислам овој есеј за дискриминацијата, се исплашив од вистината за тоа колку всушност има теми кои можат да бидат опфатени. Ако се земе општо да се разгледува зборот „дискриминација“, пишувањето на овој есеј би било далеку поопсежно. Ќе ги опфати бесконечните проблеми од општественото живеење во кое спаѓаат расните, верските, сталежните, половите дискриминации, а сè почести се и дискриминациите врз животните. Зборот поттик и инспирација ме потсетуваат на нешто убаво, а бидејќи овде нема ништо убаво да се спомене и запише ќе се послужам со зборот „револт“. Ќе пишувам за преселувањето на еден народ и нивната тешка голгота низ патиштата до нивниот „сон“ Европа. Но дали е тоа нивниот вистински сон? Кој сонува да го напушти својот дом и татковина, своите браќа и сестри, својот вистински живот? Сиријците се само луѓе исто како и ние, но некој им го одзеде правото на достоинствен живот. Нивната голгота ќе остави трага на светската историја и срам на современото живеење. Црна, но не точка, туку дамка на бел лист. Дамка која не се брише ниту од листот, ниту од спомените. Која е нивната вина? Дали што се Сиријци, муслимани или пак христијани, бели се или црни? Која им е вината што ги осудија на прогонство и пропаст? Им ги скратија крилјата на милиони деца, нивните насмевки ги претворија во плач и им го одзедоа детството! Кои сте вие што им го сторивте ова? Зарем имате право над нечиј живот? Дали сте терористи, војници или „моќни“ политичари? Кои и да сте веќе е доста! Доволни беа сите таги, војни, измачувања и преселувања. Животот и слободата на тие луѓе се само нивна сопственост. Сите имаат право да се будат во топла постела, а не во шатори. Сите имаат право да ги учат и пишуваат домашните задачи, да трчаат во училишните дворови. Застанете, дискриминиравте цел еден народ!

           Пишувајте и споделувајте го овој револт кон дискриминацијата моја генерацијо. Ние сме силата на разумот, ние сме моќ. Да запре овој безмислен хаос во светот и дисриминацијата кон овој народ. Денес се тие, но не се знае кој може да биде следен. Затоа стоп, за ова лудило. Нам нè ни припаѓа планетата, ниту пак човештвото. Ние сме единствено гости. Да прдоинесеме за подобро утре и подобра иднина за идните генерации, без насилство и дискриминации, туку сплотени во различноста.

Милена Трикиќ

II-1 клас

 

III награда на тема распишана во рамките на проектот „Еднаквоста е наша инспирација“ на невладините организации СЕГА

Дискриминацијата - црна точка на бел лист

           Она што на целиот свет му е потребно е единство. Во сите области од животот човекот ги   бара тие пори кои покрај светлината, носат и бесценета среќа. Оној што ќе ја пронајде таа блескост истовремено станува човек.

          Вистината не е секогаш во нашите мисли. Таа понекогаш почива и во душата на обичниот човек. Тоа е оној човек кој додека ние мирно уживаме опиени од својот спокој, скудно го прекрива лицето и го грчи телото. Кога го носиме челичниот оклоп наречен срце, горди на себе, не внимавајќи дали другиот се топи, не добиваме ништо друго освен лажна гордост и трула радост. Сето тоа не води кон еден правец, дискриминацијата. Постојат повеќе видови дискриминација и тоа по пол, раса, образование итн.      

           Значајно застапена е дискриминацијата по раса, изразена преку понижување на припадниците од друга раса. Посебно е присутна дискриминацијата што од генерации на генерации ја вршат белците врз црнците. Бела или црна, и едната и другата е кожа. Но некој се чувствува пријатно кога го исмева и омаловажува послабиот. А зошто да биде така? Нели сите се бориме за слободен и убав живот, за мир и среќа, за успех? Зошто да не погледнеме во квалитетот, во душата, зошто гледаме во кожатата, а не во човекот? Веројатно има нешто што или не можеме, или пак не сакаме да го надминеме.Од праисторијата на нашиот народ се има доживеано промена, но предрасудите сè уште длабоко не рануваат без да бидеме свесни. Тоа што сме ние со светла кожа не значи дека треба да имаме темно срце недопирливо за секој којшто бара тронка надеж. Обични работници, глумци, пејачи, политичари, сите се мета за напад, со цел да биде задоволено човечкото болно его. Сакале да признаеме или не, и ние често сме дел од тие осудувачи кои зад грб бодиме нож кој можел да биде и топла прегратка и мил збор.

           Маж или жена, образован или неук, богат или сиромашен, не е важно, секој од нив е живо битие желно за внимание. Но, најпрво секој има потреба од почит. Било да е со збор, пари или предмети, сè претставува подадена рака. Таа топла и толку потребна рака за помош најчесто е недостапна и незаинтересирана да брише туѓи солзи. Нам слободата како и да не ни треба, додека живееме во прангите на самољубието. Зошто да го лажираме моралот? Разликите меѓу луѓето се само искушение кое треба да се надмине, а не да се падне во неговата јамка.

           За да стекнеме сè што ни е потребно, најнеопходна ни е душата која би била доволно силна да ги победи и разликите.

Сузана Николова

III-7 клас

Последно освежено на понеделник, 13 февруари 2017 19:57
 
Театар на стапици PDF Печати Е-пошта
вторник, 25 октомври 2016 22:27

Заливот ме проголтна,

а и ѓаволот ме измами.

Умешав раце јас,

таму каде што и светлината слабо свети.

Верував како слепа божица,

па болката во мене крена револуција.

Безобразно се испомеша црнилото

и топлината во срцата човечки згасна.

Иронично ве гледам сите

вие лицемерни насмевки бедни,

небаре душа ми зацрнувате,

туку онака човечки се ситам на вашите песни.

Огномети се наѕираат на небото,

да можеше така да заигра спокојот.

Разумот се губи лесно,

заробени и зависни од дивината,

бегате од сопствените грешки,

играте театар на стапици.

Горејќи туѓи животи

вашата бездна ќе ве влече удолу.

Кошмарот ќе падне пред очи

и животот ќе помине пред да се сетиш.

Ти робуваш со дрски немири

животот ти робува тебе стравови.

Ушите веќе слушаат друга мелодија,

а уште поризично е што „измамените“ ја откриваат музиката.

На очите зракот го снемува и пред да зајде,

а до грлото допатува и трепетот страшен.

Полека се будам од горчливите вистини,

од искажаните зборови на театарската стапица.

Молчливо понекогаш се менува светот.

На едно пристанише се китат светулки,

таму бродови поминуваат со гласни сирени,

луѓето понекогаш се качуваат на новиот брод,

стариот го оставаат да се удави во дното на лагите,

му измикуваат радосно или пак само смртоносно му велат збогум...

 

Надица Туриманџова II4

 
Заробени души PDF Печати Е-пошта
вторник, 25 октомври 2016 22:25

Живееш во една средина

каде не цутат цветови,

каде нема кој утеха да ти даде,

каде гневот се раѓа

кога се раѓаш и ти.

 

Со првиот твој плач

се будат суровите слуги на злото,

се буди копнежот за војна

во која ти очајнички доживуваш пораз,

војна во која твоите воздишки

се единственото нешто што се слуша.

 

Твоите силни молби

толку безмилосно и болно

ти го распарчуваат дното на срцето

што нивното ехо

се слуша само во твоето тело.

 

И ти самиот незнаеш

во која одлука е излезот

и каде да се обратиш

за да си го вратиш животот.

Кого ли да прашаш

кога ќе заврши се?

 

Кога ли ќе престане

смртта да војува против животот?

Кога противниците ќе го осетат

горчливиот вкус на победата?

Кога ли ќе си замине суетaта?

Кога ли ние ќе престанеме

да ги броиме мртвите тела

од душевната војна?

Кога ќе почнеме

храбро да го живееме

овој разочарувачки живот?

 

                                                                                 Кристина Костадинова I-4

 
<< Почеток < Пред 1 2 Следно > Крај >>

Страница 1 од 2

Систем за е-учење

Банер

iOERc.mk

Банер

Отворени едукативни ресурси

Огласна табла

Банер

Пофалби и поплаки - Дете правобранител

Банер

Информации за Државна матура

Банер

Времетраење на часовите

Банер
Банер
Банер
Банер
Банер